Friday, November 23, 2012

Wow, тек сега приметувам дека овде не сум напишала ништо веќе четири месеци... Што е сменето во меѓувреме: 

  • еден прекрасен одмор од две недели 
  • 5-6 кг помалку на тело 
  • 5-6 см повеќе во коса
  • една недодефинирана теза  
  • тон изгубени нерви 
  • 120 кг изедени јаболки 
  • навика за зелено smoothie
  • едно презиме плус 
  • безброј насмевки 

До следниот теориски изблик.

Tuesday, June 26, 2012

Генерација М...

... и рекламата на Жито Лукс! 

Sunday, June 3, 2012

NIN

Кога ја слушам оваа песна ми доаѓа една таква топла, мека, миризлива носталгија, комплет со средношколскиот као-гранџ-стајлинг, обидите за фризура и вокменот на уши во 8... 

Thursday, May 10, 2012

Both Skopje and Remixed

Растена сум со приказни за старо Скопје, за земјотресот и поплавата, за двоспратните автобуси по Камени мост, градската плажа и дрвеното мовче. Не сум го видела тоа Скопје, но чувствувам дека го знам, дека е мое и дека живее и во мене. Ми се мешала носталгијата за стариот театар со возбудата за тоа што во Скопје имаме зграда како главната пошта, нервозата од "дошљаците" што зборат на дијалект со толеранцијата кон нив - што се па они криви што Скопје е подобро од нивните градови и села, сум била растргната на исто толку страни колку што има Скопје автобуси, населби и маала...  


Одамна размислувам за Скопје и за Skopje Remixed, и се некако тешко ми се филтрираат чувствата  и мислењата. Се појавија прилично текстови за филмот/филмовите, и се некако се надевав дека ќе наидам на текст во кој ќе си ги прочитам и моите ставови - што заради претпоставеното имагинарно сајбер друштво на истомисленици, што заради мрзата и јас да напишам нешто. Тоа што не наидов на таков текст можеби значи дека сум на прагот да развијам некоја сосема нова супер теорија/критика, но најверојатно значи дека си умислувам работи и во филмот гледам нешто што можеби и го нема. Како и да е, текстов веќе ми тежи на глава, so I'll just spit it out. 


Skopje Remixed не можам да го гледам како еден филм, освен ако на него не гледам како на каталог, или каприциозен фестивал на филмови без некоја поголема тема освен локацијата - Скопје. Прашање е колку приказните се баш скопски приказни, прашање е колку е добро, соодветно или лично прикажан скопскиот дух, и прашање е колку скопјани се препознаваат во приказните. Секако, тоа не значи дека филмовите не чинат. Се работи за лична визија за која никој не треба да одговара или да се правда. Од технички, наративен или филмичен (is that even a word?!) аспект прашање е колку филмовите се навистина филмови, но ете, нема да навлегувам во тоа. Мене лично, неколку од филмовите ептен ми се допаѓаат, од Х причини, но она што мене всушност ме заинтригира е нешто сосема друго. 


Има едно чувство/реплика/порака што провејува низ повеќето (секако, не сите) од филмовите - "ни го земаа градот". По гледањето на филмот, тоа е нешто што останува како некаков свесно или потсвесно конструиран контекст кој во себе има прилично силен носталгичен, пасивен, негативен и фаталистички тон што мене едноставно не ми се допаѓа. Поголемиот дел од филмовите жалат за некое друго Скопје, некое Скопје што не е сега, некое Скопје што порано било подобро, и секогаш тоа оди рака под рака со разочарувањето и песимизмот од она што Скопје е денес. Се чини дека ликовите, а со тоа и авторите, не можат да се помират со промените што му се случиле и се уште му се случуваат на Скопје и постојано среќата ја лоцираат во светот во кој не се случуваат промени. Или, преведено во контекстот на Skopje Remixed, суштината на среќата е во градот во кој сите вечно искачаме без ограничувања, се журкаме, слушаме 103, пиеме, дуваме, кркаме, се ебеме, и тоа така трае засекогаш, во хиперреален loop на суштинска статичност и непроменливост. За ликовите (читај авторите, читај претпоставените скопјани) ова е нешто што никогаш не треба да заврши, да се замени со нешто друго или да прекине. Скопје е Скопје исклучиво ако се вртиме во овој loop.


Радомир Константиновиќ има една книга во која зборува за духот на паланката и карактеристиките на паланечкото, малограѓанско гледиште на светот. Ме мрзи да ја барам и да препишувам цитати, зашто она што мене ме интересира е само еден мал момент за кој тој зборува - а тоа е стравот од промени. Паланечкиот менталитет (и тука паланечки го сфаќам во широка смисла на зборот), кој не е секогаш одлика на малите градови и вешто се промолкнува и во големите, за свој најголем непријател ја гледа промената. Паланчанецот сака да ги знае сите, да знае што се случува, да има контрола, да биде на свое, на познато, на фиксно, без странци, без закани, без продори од надвор, без напад на Другоста и идеално би било кога светот околу него би останал таков каков што е, засекогаш. Токму затоа, паланчанецот и не го ни сака големиот град, и одбира да остане во мало место, каде што е заштитен од промени. 


За разлика од тоа, луѓето кои живеат во големиот град знаат дека нештата во градот постојано се менуваат, свесни се дека промената е една од носечките одлики на урбаното живеење, и не само што ги прифаќаат промените, туку и уживаат во нив, учествувајќи во целиот тој вистински урбан процес. Еднаш, на едно предавање за урбаност, еден супер професор кажа една прилично добра дефиниција за град - кога излегуваш од дома и одиш некаде, а по пат не среќаваш ниден познат. Оттука, човекот што живее во градот не дека не познава никого и не се дружи, туку не го одредува своето место на живеење според фактот дали наоколу ги знае сите или не, односно не ја лоцира својата среќа во сигурноста на познатото. Градскиот човек, ми се чини, е човек кој прифаќа и сака непознатици, изненадувања, откритија, другост, поинаквост, човек кој не сака да живее во фиксен поредок и сака промена - сеедно дали се работи за маалската продавничка која преку ноќ станала клуб, или за тоа дали се руши една зграда за да се изгради нова. 


Оттука, што можам да кажам за Skopje Remixed, посебно пак во контекст на промените што му се случуваат на Скопје? Иронично, но произлегува дека филм што претендира да воспостави нов урбан дискурс, урбана естетика или репер за градски живот е всушност базиран на малограѓанско, паланечко, тесноградо гледање на нештата. "Ни го земаа Скопје?!" Никој не може да ни го земе Скопје, освен ние самите. 


Погрешно е да се мисли дека Скопје отсекогаш било едно и исто, бидејќи постојано нешто се менувало, and it's totally ok. Порано имало Официрски Дом, сега има парк, порано имало стар театар, сега се гради нов театар, порано беше Ванила, сега е Вегера, порано имаше Ловец, сега има Росана, порано имаше Кермес, сега има ѓубре, и се е тоа толку нормално што навистина треба да ги надминеме детските болести. Татко ми душата го боли за еврејско маало, ама прифатил дека после 63та таму има нешто друго. Притоа, не станува збор за вкус или естетските вредности на новото vs. старото, туку едноставно подготвеноста да се прифати градот како град. Без оглед на тоа дали ни се допаѓаат новите згради, споменици, фонтани, фасади, продавници, клубови и што се уште не се менува, создава или уништува, Скопје се додека го сакаме, е исто. 


Градот го прават не само спомениците, зградите или фасадите, туку и малите улички, пасажите, скршените дрва, зафрлените маала, напуштените места, оградите и ѓубрето, и тоа е онаа имагинарна урбана топографија што во големиот град секој сам ја создава. Во моето Скопје, една од суштинските мои места беше антикварницата во МБУЦ, која одамна се затвори и не гледам дека некого тоа го допре доволно да организира протести или да направи филм за тоа. И тоа е сосема нормално - ми недостига местото, но знам и прифаќам дека ќе треба да си најдам некое ново мое место, додека ова тлее во моите сеќавања. Ми фали и Кермес, ми фали и делот во парк кај што одевме со моите на пикник, ми фали и стариот Табернакул во МНТ, и уште многу други места. Но ок е, имам уште многу други, старо-нови места, кои го прават Скопје мој град, град што го сакам и што никој не може да ми го земе. И, во контекст на Skopje Remixed, што ако утре навистина ја затворат 103, зарем тоа ќе направи да не го сакам Скопје? No fucking way. Не може никој толку да го смени Скопје колку што можам јас да го зачувам.


Ова излезе многу подолго отколку што мислев. 
Се што сакав да кажам е дека главен проблем во Skopje Remixed е што претендира да биде градски филм, односно филм за градот, а заснован е на малограѓанско-паланечки светоглед. 
Се што сакав да кажам е дека доволно беше плукање по Скопје, и дека ако сме градски деца како што викаме дека сме, да направиме leap of faith и да почнеме да живееме во духот на градот, со сите промени што тој ги носи. 
Се што сакав да кажам е или да го сакаме Скопје со цело срце и душа, или да си одиме од него. 

Thursday, October 13, 2011