Од кога знам за себе, околу мене имало книги.
Сликовници, бајки и народни приказни, книги за детски дружини, романи за походи и освојувања, енциклопедии за непознати народи и неоткриени предели, речници и лексикони, бескрајно долги комплети на мајка ми (Перл Бак...), бескрајно долги комплети на татко ми (Ремарк...), прирачници за водење војна и за шпионирање, готвачи и спортски енциклопедии...
Некако природно ми дојде и јас да почнам да собирам книги и секогаш тоа ми било побитно отколку што и да е друго што може или треба да се купи... Дури имав и еден период во кој цената на сите нешта (што не се книги) ја споредував со цената на одредени книги што ги сакам и секогаш наоѓав изговор или оправдување да ја купам книгата.
Книгите ги подредувам на мој специфичен и необјаснив начин. Не е по азбучен ред (досадно), не е по жанр (предвидливо), не е ништо опипливо. Најблиску до тоа е ликот на Џон Кјузак во Хај Фиделити кој ги реди плочите по ред на купување, но тоа не е целосно така кај мене...
Сабајлево прочитав текст од некој тип што има огромна библиотека од 30.000 наслови и таму најдов многу од моите ставовови, размислувања и емоции во врска со книгите, библиотеките и редењето, посебно тоа дека библиотеката и распоредот на книгите е еден вид автобиографија и обид да се каталогизираат сеќавањата... Книгата ја содржи емоцијата на периодот во кој е читана или купена, ја има сликата и мирисот на денот кога сум ја посвоила и емоциите што сум ги живеела тогаш гравитираат околу неа како облак...
Мојата географија на книгите и полиците е магловита, нејасна и имагинарна можеби, но мене ми е многу строга. Ги редам по ред на купување, да, но ги групирам и прегрупирам по емоциите или инстинктот што го имам во периодот, колку и да звучи тоа сулудо. Некои книги ме влечат кон одредено место на некоја полица, влечат кон одредена група на книги, кон некој минат, сегашен или иден дел од мене...
И ако нешто не е кај што треба, или кај што сум го гледала со години наназад, тогаш се вознемирувам, зашто мојот свет е поместен. Може е драматизирање, аутизам или obsessive-compulsive однесување, но редот на моите книги е и мој ред. Тие се мојата оска, она околу што ми лебдат сеќавањата и спомените.
Како што луѓе отвораат албум со фотографии и се потсетуваат за летото кога биле на Треска и јаделе варена пченка, така јас ги гледам полиците и групите книги со часови и се потсетувам како татко ми ми раскажуваше приказни за глувците што оделе на одмор, како седев во градинка и им читав на децата бајки од една книга што се викаше Си бил еднаш еден цар, како тогаш еднаш се шетав на плоштад, си купив книга и ми беше убаво...
И да, моја омилена книга на сите времиња е Хаклбери Фин, единствената што буквално се искина од читање.