Веќе не гледам Хаус.
Никогаш не си префрлувам телевизиски симптоми на себе, не сум хипохондрик и не се измачувам (премногу) со тоа што ми е, како ми е, ама ова вчера беше Хаос, не Хаус.
Имаше една епизода во која едно девојче влегло предвреме во пубертет и тоа беше третирано како главен симптом за да откријат дека татко и земал хормони кои му испарувале од кожата, заради што и се случило сето тоа и кај неа, и кај брат и. И се е тоа ок да не мораше да поминат низ структурата од првични сто лажни дијагнози - од хормонални пореметувања, преку цисти и тумори па се до не знам што, само за да задржи серијата гледаност и сценаристите што подраматично да поентираат, без да се посвети внимание на последиците од "возењето" на гледачите.
Е сега, единствен случај кога јас сум имала хипохондрични моменти беше кога ја читав Волшебниот Рид и кога "реално" почнав да ги чувствувам опишаните симптоми. Ама вчера, кога гледав Хаус, почна толку многу да ме фаќа паника заради мојот ран пубертет и можноста да ми утнале некоја дијагноза на времето, што полудев.
Разбирам дека продуцентите и сценаристите сакаат да склопат фина приказна на која гледачот ќе се навлече, тоа е и поентата, но мислам дека масовната појава на медицинско-дијагностички програми спакувани како ТВ серии има и друга позадина. Можеби сум параноична, но мислам дека ваквите содржини само придонесуваат за создавање општа паника кај луѓето, несигурност во себе и страв. Со драматичната, експлицитна и брутална интонација која честопати има и CNN дискурс, со овие серии се потенцира краткотрајноста, произволноста и ранливоста на човековиот живот и неговата зависност од современата медицина и технологија.
Да не ти се верува, серија што конструира болести!
Не патувајте во Африка, има страшни вируси.
Немајте секс во тројка, ќе закачите инфекции.
Не излегувајте од дома, има вирус кој се пренесува по воздушен пат.
Не правете ништо, туку само гледајте телевизија која дезинформира.
Ми се допаѓа Хаус како серија, но забележав дека откако ја гледам почнав да сурфам за симптоми од лупус, хеморагична треска, атеросклероза, што не... Пред некое време се појави текст од некој лекар кој ја анализирал секоја епизода од Хаус и констатирал дека најголем дел од дијагнозите и симптомите не држат вода. Кај ме прават параноична и хипохондрична, па барем да беше сето тоа точно!
И и покрај се, вчера во рок од 45 минути полудев. Мислев дека нашите вешти лекари утнале нешто кај мене, мора да има нешто затоа што си знае Хаус: само заради тоа што нешто не се гледа на снимка, не значи и дека не постои!
А реално, знам дека сум сосема здрава и дека ништо не ми фали. И исто како што кога со CNN се чувствувам како да има општа светска војна, така и со Хаус се чувствувам како како да готово, сите ќе испоцркаме, и тоа од имагинарен вирус.
И веќе не гледам Хаус.