Воспитувани сме да мислиме дека е грев ако посветуваме време и внимание на себе, дека секогаш треба да гледаме прво за оние околу нас, и дека ако се цени нечие мислење, тоа секако е она на другите. Колку и да звучи тоа бахтиновски прогресивно, во суштина е сосема обратно, бидејќи на ниво на едукација и воспитување, девизата за несебичност отвора простор за фрустрации, комплекси и синдроми на жртва, и мал милион нервози и неврози. Генерално, според западната мисла егото треба да се потиснува, па затоа и се обојува со негативна конотација. Целта е да ги тргнеме нашите потреби, желби и ситуации на страна, несебично да бидеме тука за другите, и многу јасно, да не очекуваме ништо за возврат. Дури, целиот момент на несебичност во западната култура е и прилично лицемерен, затоа што сепак, јас на англиски е со голема буква и нема глагол без лична именка, и се форсираат алфа доминантни личности, секако, во скриена форма. Сепак, општо прифатениот модел е да се биде послушен на другите и пожртвуван. Да не навлегувам во родови анализи, но ова е модел кој па посебно се форсира кај малите девојчиња, но ај, тоа во друга тема.
Е сега, можеби генерализирам, ама од се што имам прочитано од и за источната филозофско-религиозно-уметнички корпус, себичноста е само едноставна грижа за себе. Сите го знаеме она - кој ќе се грижи за тебе ако не самиот ти?, но дури и една таква донекаде субверзивна мисла во вакви рамки е потисната од доминантната несебичност. Таму некаде источно од нас е малку поинаку, се смета дека основа на се е грижата за себе, не во смисла на себеразмазување, туку на себенегување, на посветеност на она што ни се случува и на себеосвестување. И нема ништо лошо во тоа да се грижиме за себе и да го правиме она што сметаме дека е најдобро за нас, колку и во моментот да е спротивно на нечии интереси, желби и барања. Можеби тоа некогаш ќе изгледа како повреда на луѓето, но всушност низ грижата за себе и љубовта кон себе ние и можеме да се грижиме за другите и да ги сакаме другите. Сето тоа сепак има прилично несебичен исход, но искрен и освестен.
И да завршам онака патетично-драматично-бахтиновски, колку што е патот кон себе низ другите, исто толку и патот кон другите е низ себе...