Tuesday, May 15, 2007

Зебра: Дали еротиката се уште продава?

Аман, до кога веќе со...

... патријархалното фалогоцентрично разбирање на сексуалноста и телото, според кое Марија Шерифовиќ не е сексуална, како да во традиционалната претстава за машкост која Марија ја изразува, слави и олицетворува нема сексуалност

... третирањето на калифорнискиот (и медитеранскиот) модел на женско тело како нормативен под капа дека едноставно и природно, тоа е убаво - како да идејата за убавина на еден уредник на дневен весник треба да биде сеопшта идеја за убавина

... храброста да се зборува дека треба да се истакнува сексуалноста заради успех на естрадата, храброст која оди рака под рака со срамот од вербализирање и именување на делови од сопственото тело (Елена Ристеска)

... есенцијализација, генерализација и мистификација на машкоста, женскоста и тврдењето дека една жена едноставно треба да знае да се носи како жена, да има држење како жена, и да биде вистинска жена, што и да значи тоа (Буле)

... доживувањето на жените како зачин (ова не е метафора, туку цитат на Горан Михајловски) на секојдневието, само еден од многуте accessories на мажите и животот

... неиздржани квазисериозни дискусии без елементарно познавање на теориски дискурси, дискусии кои запнуваат кога единствениот родово образуван учесник (Катерина Колозова) ќе спомне комодификација, политика и обесмислување

... лажен морал и двојни стандарди според кои не е ок да пеат девојчиња на детски фестивал за дечковци и слично, а ок е да се стави гол женски задник на насловна страна покрај текст за СПЦ и МПЦ, затоа што тоа е убаво

... рестриктивен дихотомен епистемолошки пристап од типот на црно, бело, да, не, без претходен обид за редефинирање на веќе одамна неоперативните термини

...

Има уште милион моменти за кои може и треба да се дискутира, ама во некој следен пост. Сега за сега, за да ми биде конструктивно мрчењето, имам една идеја.

Јас предлагам да се направи една емисија што ќе се вика Магаре. Во неа ќе се разговара на разни теми што го допираат постоењето во сите негови олицетворувања (телесно, емотивно, интелектуално, сајбер и сите останати можности што заради фалогоцентричната епистемологија и методологија на симболичкиот поредок кому му припаѓам не можам во моментов да ги согледам). Магарето е сиво, недефинирано (барем според традиционалните концепти за дефиниција), не зазема став, не суди, а бидејќи е хибрид, односно инкорпорира различни карактеристики, очекувања и предрасуди - соодветно е за теориско-сеирџиско промислување на живеењето денес.

4 comments:

Anonymous said...

не мислам дека сексуалноста на Шерифовиќ треба да се замени со сексуалноста на машкото.

Јас воопшто не ја доживувам како машко, ниту пак дека зрачи со машкост.

Тука гледам, на некој начин апсурдно тврдење, иако главно се согласувам со тврдењата.

Значи, за да биде Марија сексуална, тоа не значи дека ако не е женствена во стереотипна смисла, тогаш мора да биде мажествена (машка).

Тука се поставува прашањето: Доколку се подведуваме кон опишување на реалноста, посебно преку доживувањата на луѓето, мораме да оперираме со стереотипите. Но доколку е потребно да се направи прескрипција, тогаш веројатно треба да се понуди контекстуализирана слика за сексуалноста, доживувањата на машкоста и женственоста и евентуална критика на таа слика.

bluessence said...

Во однос на Марија, немав намера да кажам буквално дека таа има "машка" сексуалност, туку само да поставам прашање зошто општо не постои перцепција во јавноста за Марија како за "сексуална", како што кажа Дуле во емисијата.

Апсолутно не тврдам дека ако не е стереотипно женска, треба да е машка сексуалност - само сакав да потенцирам дека дури и кога би зборувале со таков бинарен пристап на нештата (кој го има поголемиот дел од јавноста), сепак не би имале право и простор да се каже дека таа е несексуална - како што и се кажува.

Тука е и другиот момент кој во нашата јавност како да се запоставува - травестијата како блиска до мажите со идеја да се имитираат жените (жените - не како полова предефиниција, туку како конструкт, пеформанс за кој најдобро зборува Батлер), а не и обратно, конкретно она што го прави Марија - имитирање на традиционално машки претстави: одело, кравата, патики, без шминка, без облини. Ние ја знаеме Марија како "машкуданка", но евровизиската јавност неа ја доживеа слично како Верка Сердучка - женско тело со машки принцип и машко тело со женски принцип. Не случајно беа прво и второ место на крај!

Сакам да кажам дека постојат мал милион сексуалности и дека не се нужно "женски" или "машки". Разбери го ова како обид да се оттргнеме од корсетот, деколтето, мускулите и нозете како рестриктивни носители на сексуалноста и да бидеме малку потолерантни и поотворени кон различните тела и различните сексуалности.

Дамјан said...

муабетов везе нема...

сексуалноста е колку/толку субјективна и не гледам потреба да се дефинира или анализира освен за научна/антрополошка цел ... која што овде не постои :)

bluessence said...

Сексуалноста е лична исто толку колку што е и културна. И во однос на себедефинирање, и во однос на перцепција на другоста, сексуалноста не е секогаш личен избор туку е и општествена конструкција, ѕирни кај Батлер... А кога ќе видиш дека има и пазарна, комуникациска, политичка и каква уште не димензија, и сеедно дали е на научно, академско ниво, или тривијално, секојдневно ниво, за вакви муабети секогаш има потреба. Мора да почнеме од долу па нагоре :)

Имав предавање за ова и некои други нешта пред некое време, па наскоро ќе напишам и пост за некои реклами кај нас во кои се оперира со сексуалноста, или барем она што се смета за такво, па можеме да ја продолжиме дискусијата.