Tuesday, March 22, 2011

Leap of faith

Во последно време повторно размислувам за тоа што е она што некои уметнички дела ги издвојува од другите и како проценуваме дека нешто е уметност, а нешто не е. Со оглед на нашата уметничка средина и она што во Македонија се смета за уметност, долго време сум била прилично збунета и растргната помеѓу различни ставови, истории, прегледи и критики, и многу пати сум се сомневала во сопствената способност за проценка, анализа, па дури и препознавање или чувствување на уметничките дела.

По толку време, ги тргам на страна сите теории за моќ, влијание, дискурс, сите истории на уметноста, дијахрониски и синхрониски пресеци и сите естетички теории, затоа што сепак, она што останува, а најверојатно и пресудува, е личниот допир и чувството што го добиваш или не го добиваш кога доаѓаш во допир со некое дело. Има работи кои едноставно, те менуваат и не си ист откога ќе ги видиш, прочиташ, слушнеш или доживееш...

Последното такво големо нешто кај мене беше допирот со Фрида Кало.

Фрида Кало има еден автопортрет кој подоцна го вклопила во друг контекст или композиција - додала огледало со иста димензија како сликата, врамено во иста рамка како сликата. Тоа било наменето како подарок за некоја нејзина пријателка која се отселила, па идејата на Фрида била да и стојат сликата и огледалото едно до друго за секој пат кога пријателката ќе погледне, да се види во огледалото и да биде веднаш до неа. Така, тие секогаш ќе бидат заедно...

Кога ја видов јас сликата, и се имав приближено од другата страна и отпрво не се погледнав во огледалото. Се поместив за да ја прочитам приказната и случајно се погледнав. Тоа беше неверојатно искуство - исто како што изгледа Фрида на сликата, така изгледав и јас! На исто растојание, иста перспектива, исто светло, и некако се почувствував и како јас да сум насликана, и како Фрида да е жива, до мене. Се смрзнав, и се наежив, и се препотив, и иако ме болеше стомак и имав страшни грчеви, се погледнав во огледалото и никогаш не сум била поубава...

Во тој момент, и секој пат потоа кога се потсетувам на ова искуство го добивам тоа интензивно чувство што прави да знам која е разликата меѓу нештата... Не дека тоа ме прави критичар или теоретичар, но ова искуство ми помогна да препознаам дека празнотијата од такви чувства во Скопје е заради тоа што едноставно, нема толку добри уметници кај нас, или барем нема такви уметници. Или пак, јас се уште не сум ги видела.

Ова не беше случај само со Фрида Кало, сепак. Отсекогаш ми било интригантно прашањето како се влегува во учебниците, историите и каноните за уметност, но дури кога одблиску ги видов Кле, Миро, Пикасо, Шагал, Полок и други, си го добив одговорот... Ова се случи и со Јоко Оно, која отсекогаш ме нервирала (ова е дури understatement), но кога го видов Wish Tree, целосно ме обзема.

Можеби ова доаѓа со апсолвирање токму на сите тие теории и истории што решив да ги тргнам на страна, можеби само со игнорирање на теориите и може да се препознае и почувствува уметноста, онака инстиктивно, сетилно, од стомак... Можеби треба да заборавиме се што сме научиле за да можеме да видиме, да осетиме и да создаваме. Не верувам дека Кортасар кога пишувал имал пред себе учебник за литература или книга од Аристотел, иако тоа стои таму некаде, како дел од индивидуалното или колективното минато и тлее...

Некои работи едноставно знаеш дека се добри, дека се важни и дека имаат што да кажат, покажат или раскажат... се надевам дека еден ден ќе можам и јас да се ставам од другата страна, од страната на оние што ја прескокнале реката и создале, измислиле и претставиле, оние што направиле нешто што допира луѓе...

5 comments:

Внукот said...

Damn straight! Уметност е само она што ќе те допре со убавината. :)

А за она „еден ден“, чинам дека веќе си на добар пат. ;)

bluessence said...

Благодарам!

snappy name said...

Целосно, прекрасен текст, тотално објективен и егзактно точен во заклучокот!
...а кога сме кај Фрида Кало, како може да не не', допре дело од таква појава како неа...(биографски податоци, од филмот)
болна пред умирање, a на својата изложба, не смее нели да пие алкохол, со кревет ја носат...а кажува: ...ќе пијам и ветувам дека на мојот погреб нема да пијам! =)

snappy name said...

...да имаше тука на блогеров лајкови ќе кликнев лајк на коментарот на Бнукот...
"А за она „еден ден“, чинам дека веќе си на добар пат. ;)"

bluessence said...

Фала ти Весна! :***