Monday, March 26, 2007

Скопје

Викендов ми се случи еден од најубавите моменти во последно и претпоследно време... Во саботата сабајле, седев на едно бетонско помеѓу две згради кај Зелен Пазар и (по не знам кој пат) го читав писмото во Свила, една од моите омилени книги на сите времиња. Времето беше ладно-топло, јас бев сама и целиот тој склоп беше онака, таман.

Многу сакам да гледам по прозори и балкони, без оглед на тоа дали има некој таму или не, и да погодувам кој би можел да живее таму... Затоа отсекогаш и сум сакала згради, полни се со приказни. Една жена по кратки ракави седеше на биро по дома. Еден човек го шеташе кученцето. Луѓе фрлаа ѓубре.

Во едната зграда ја видов продавницата за кори, кадаиф, обланди и корнети "Вардар", и многу ми беше мило што во налетот на реновирање на градот оваа продавница не е затворена. Ми текна дека отсекогаш сум сакала да јадам празни корнети, ама моите дома некако не купуваа, најверојатно по логика што ќе ни се корнети кога немаме сладолед?! Еднаш, запнав како ненормална, и ми купија пакување од 6 корнети од "Вардар". Мислам дека тогаш беше дедо ми дојден на гости. Ги изедов празни и беа многу добри. Сега во саботата се мислев дали да си купам пак, ама се појави мајка ми и ме пресече, и после на гости јадев посни топчиња. Не беа лоши.

No comments: