Monday, July 2, 2007

?

Не сум сигурна дали сакам да кажам нешто битно.
Сакам да се прашам себе си нешто на глас, пишувајќи...

Никогаш не ми било јасно правилото дека исклучоците го потврдуваат правилото. Се некако мислам дека ова тврдење тотално нема смисла.

Од граматика па до епистемологија, јасно ми е дека од правилата како методолошки инструмент може да има исклучоци, но не разбирам зошто се вели дека баш тие го потврдуваат? Ако нешто го потврдува правилото, тогаш тоа е неговата универзалност и сеопфатност, односно случаите кај кои тоа важи - како случаи кои и го воспоставуваат како правило, а не исклучокот! Исклучокот напротив, укажува на тоа дека правилото и не е до толку дефинирачко колку што се поставува. Исклучокот укажува на неговата произволност, непостоење и евентуална смрт.

Плус и плус, има и друг момент што ме збунува...
Ако е правило дека од секое правило има исклучоци, тогаш и од ова правило мора да има исклучок, односно дека мора да има правило што нема исклучоци. Постоењето на такво правило може да се смета и како исклучок на повисокото правило дека сите правила имаат исклучоци, но поверојатно ми е дека е дупка во епистемолошкиот систем на мислење.

Не ми е јасно зошто толку многу се инсистира на рестриктивно средување на нештата со нула толерантност и неоставање простор за други опции. Речиси секогаш исклучоците / отстапките / исчекорите се сметаат за девијација и добиваат патолошка димензија, и никако да сфатиме дека не и не ни се до толку неопходни правила за да функционираме како општество, или барем дека можеме порелаксирано да ги сфатиме правилата, чисто како насоки, а не како граници на "нормалното".

Почнав да ја читам Философија паланке од Радомир Константиновиќ, и супер е. Ми поттикна многу размислувања и преиспитувања на некои нешта, па во овој контекст е и овој пост. Паланечкиот менталитет (т.н. малограѓанство, омилениот израз на нас, големограѓаните) е прилично апликативен на целокупниот методолошки-епистемолошки проект на човештвото во кој се си има свој ред и нема мрдање...
Џабе и дада, и деконструкција, и постмодерна, и што не, се е тоа дел од хаос-космос развојот и митско-магиското циклично мислење, најверојатно најголемото правило на кое не знам како (па и зошто) да му избегаме...

3 comments:

Vladimir said...

A?

bluessence said...

Ништо битно! :)))

Anonymous said...

Те бендиса а? неверојатне стил. Како може некој да пишува за теорија, философија и пак да биде духовит, читлив, човечки во крајна линија. Тоа е стил!
Фемгерилата :)